Во скопскиот регион се остварува најголем дел, дури 43,7 отсто, од вкупниот домашен бруто-производ (БДП) на државава, а сите преостанати плански региони, освен Пелагонискиот, учествуваат со помалку од 10 отсто
На североисток сиромашно, на југ малку побогато, а најмногу шанси за добра заработка има во административниот центар Скопје. Повеќедецениската лоша развојна политика во земјава придонесе Македонија да има исклучително нерамномерен економски развој меѓу главниот град и другите населени места. Во скопскиот регион се остварува најголем дел, дури 43,7 отсто, од вкупниот домашен бруто-производ (БДП) на државава, а сите преостанати плански региони, освен Пелагонискиот, учествуваат со помалку од 10 отсто. Статистиката покажува дека просечен скопјанец е за 3,5 пати побогат од жител на Kуманово, Kратово или Kрива Паланка, градови во Североисточниот плански регион, кој имаат најмало учество во креирањето на БДП на Македонија.
Триесет и двегодишниот Марко Илиоски oд Македонски Брод е дипломиран економист, магистер по маркетинг. Kако невработен со две малолетни деца ја плаќа цената на реалноста и на (не)развиеноста на градот каде што се родил и каде што живее со своето семејство. Едноставно, за него таму нема работа. Ако има среќа, од јуни ќе работи во Битола за каде што веќе има изгледи, но во Македонски Брод не. Градот пустее.
- Навистина ми е жал што во мојот град нема иднина за мене. А каде? Зошто да одам и да работам некаде на друго место каде што може да бидам обвинет дека им го земам работно место на некои жители од таму. Иако не е така и сите конкурираме со своите знаења и со квалитетите што ги имаме, сепак не е во ред што јас, всушност, сум принуден да бегам. Да бегам од пустелијата. За жал, каков тежок збор за моето гратче - вели Марко.
Децениската масовната преселба на населението во градовите, а особено во метрополата, придонесе да се опустошат македонските села и цели региони, а Скопје да добие статус на држава во држава. Во Скопје се сместени државната администрацијата, претставништва на најголемите фирми и банки, најголем дел од даноците се плаќаат во метрополата, но соодветно тука се троши и најголем дел од нив за што често има забелешки од жителите во внатрешноста.
Економска зона во секој град
За да се намалат разликите меѓу осумте плански региони: Вардарскиот, Источниот, Југозападниот, Југоисточниот, Пелагонискиот, Полошкиот, Североисточниот и Скопскиот, Владата подготви Стратегија за регионален развој во периодот од 2009 до 2019 година. Со неа е предвидена постојана финансиска поддршка за регионален развој од страна на државата во износ од 1 отсто од БДП, но и тоа засега се покажува како недоволно.
- Овој процент треба да се издвојува за секој од осумте плански региони во државата. Сепак, освен што не се исплатуваат овие пари од државниот буџет, постојано има тренд на намалување на финансиите за рамномерен регионален развој - вели Невзат Бејта, поранешен министер за локална самоуправа и новоизбран градоначалник на општина Гостивар.
Еден од плановите на Владата за да го забрза рамномерниот регионален развој е да се отворат индустриски зони во повеќе градови во внатрешноста. За таа цел, освен изградените технолошко-развојни зони кај Скопје, Тетово и во Битола, се отвораат и во Kичево, Прилеп, Гевгелија, Ранковце, Струга, Радовиш, Струмица и во други градови. Владата се обидува да го стимулира локалниот развој и со инвестиции во патната инфраструктура и во образованието.
- Ме радува дека и втората димензија на нашата стратегија за привлекување странски инвестиции се остварува, а тоа е влезот на фабриките на целата територија на државата. Ако порано с` беше концентрирано во Скопје, денес веќе и центрите како Битола, Kавадарци, Демир Хисар, Штип се на мапата на странските инвеститори. Ние многу се трудиме тоа да се реализира затоа што за нас е важно во секој дел од земјата да се создадат можности за вработувања согласно со стратешкиот концепт на еднаков регионален развој - изјави неодамна премиерот Никола Груевски.
Драстични разлики
Економистите што ги консултиравме велат дека ова е еден од пристапите за евентуално намалување на длабокиот економски јаз.
- Во суштина постојат два начина да се придонесе за поголем економски раст во регионите. Едниот е овој, односно насочена диригирана активност на Владата. За тоа мора претходна оценка за тоа во колкав обем и со што треба да се инвестира, треба да се испитаат природните и човечките ресурси за да се донесат правилни одлуки, на пример, за нови инвестиции. Другиот пристап е да се постигне ефект преку фискално израмнување. И за ова треба дополнителна анализа за остварениот економски резултат по општини, по кои може да се донесе одлука некои од градовите и од општините дополнително да се финансираат од државниот буџет - вели Томе Неновски, универзитетски професор.
Анализата на податоците за регионот покажуваат значајни разлики во условите што го одредуваат нивниот развој. Додека жителите на североисточниот регион се жалат дека државата во изминативе децении немала покрупни инвестиции таму поради што населението масовно се иселувало во потрага по подобар живот, во струмичкиот и во гевгелискиот регион ги уживаат плодовите од плодната почва и од климата, но и од близината на Грција. Според последните податоци за стапката на невработеност, во јужните делови од Македонија се намалува бројот на луѓе без работа, што не е случај со градовите во североисточниот дел на земјата. Бројките се толку различни, што се дури сурови. Лани стапката на невработеност во југоисточниот регион е само 9,3 отсто, а во градовите од североисток безмалку 60 отсто.
Скопскиот регион е најблиску до просечната статистика на државата, во главниот град стапката на невработеност е 30,7 отсто.
Полошка сиромаштија
Според податоците од 2010 година, Скопскиот плански регион со БДП на жител од 5.110 евра според стандардот на куповната моќ е далеку над просекот на земјата од 3.400 евра. Заедно со Пелагонискиот плански регион (3.600 евра), тоа се единствените региони со повисок БДП на жител од просекот на земјата. Потоа следува југоисточниот регион, односно секој жител на Струмичко во просек секоја година создава со 3.500 евра. Вардарскиот плански регион има БДП на жител од 3.300 евра, а во источниот регион годишно се содава нова вредност од 2.800 евра. Преостанатите четири региони имаат БДП на жител помал од 70 отсто од просекот на земјата. Најмал БДП на жител има во полошкиот регион (1.600 евра), но овој дел од земјата е најгусто населен.
Од Заводот за статистика посочуваат дека при користењето на податоците треба да се има предвид дека податоците за домашниот бруто-производ на жител во одделни региони во голема мера се под влијание на дневната миграција на работната сила. Таа придонесува во даден регион да се создаде БДП што не е резултат на резидентното население.
Големи разлики и во ЕУ
Во земјите од ЕУ се сретнуваат и поголеми регионални разлики, при што рекордот го држи Велика Британија каде што најбогатиот регион е 9,7 пати побогат од најсиромашниот регион. Но, забележливо е дека големите регионални разлики во БДП на жител се карактеристични за поголемите земји, како Велика Британија, Германија и Франција. Регионалните разлики во нивото на БДП на жител се далеку пониски во земјите од ЕУ со слична големина како Македонија. На пример, во Словенија тој сооднос изнесува 2,1, во Летонија и во Естонија 2,2, а во Литванија 2,5. Оттука се наметнува констатацијата дека Македонија се карактеризира со исклучително нерамномерен економски развој меѓу главниот град и другите населени места во земјата, несвојствен за мала земја по територија и по население.
Александра Томиќ, Марјан Блажевски
www.dnevnik.com.mk