По вчерашните статии кои излегоа на неколку електронски портали за враќањето на Стевица Ристиќ на зелените терени, со демант се јави српскиот фудбалер со македонско државјанство. Тој негира дека ќе има камбек во српскиот второлигаш Темнич, сметајќи дека некој пуштил дезинформации.
   -Нема вистина во написите дека се враќам на фудбалските терени. Јас сум веќе едн година на заслужен одмор, по импресивната фудбалска кариера која ја имав во претходните десетина години. Кога лани се вратив од Јужна Кореја, имав многу понуди, од кои најдобрата беше од Работнички, но тогаш пресеков и заклучив дека ми е доста од фудбал. Единаесет години играв во странство и сметам дека кариерата ја завршив со стил. Доколку сакав да се вратам на фудбалот, тоа сигурно немаше да биде во второлигаш, туку во респектабилен тим. Немам желба за фудбал, плус
и физички не сум подготвен за такво нешто, но гледајќи го квалитетот на македонската лига, 20 гола би забил во една сезона од шега. Плус, децата ми пораснаа, а со тоа и моите обврски кон нив. Синот Стефан секој ден го носам на тренинзи во ФК Вардар, па ако се развива како што треба, нека ме наследи на зелените терени. Значи, да заклучам, фудбал не ми се игра, а ќе продолжам да ловам риби, затоа што тоа не ми здосадило, - помалку на шега ни рече голгетерот кој се прослави во дресот на Силекс, а немилосрдно ги тресеше мрежите и во Јужна Кореја, Јапонија, Русија и Узбекистан. Оливер Арсовски