Статијата е преземена од порталот www.mkd.mkЛежеше мртов. На студениот бетонски под во подрумот на куќата, облечен во некаква црна униформа со црвено-црни амблеми на УЧК, лежеше мртов човек. Лицето му беше бледо и некако помодрено, телото згрчено, очите затворени. Во дланките ги стискаше испреплетените црева што му истекле надвор од расцепениот стомак. До последниот здив се обидувал да ги врати назад во своето тело. Безуспешно. Најверојатно умирал во страшни болки. Нека му е лесна земјата.
На подот, веднаш до него, се наоѓаше автоматска пушка. Некој стар, најверојатно албански калашников, со дрвен кундак. На кундакот имаше изгравирано УЧК. Неколку полициски специјалци од „Тигрите“ и полицајци од ПЕП (посебна единица на полицијата) стоеја околу него и тивко зборуваа. Однадвор се слушаа единечни истрели, рафали од автоматско оружје и по некоја силна експлозија. Арачиново. 23 јуни 2001-та. Топло летно попладне. Некаде по 16 часот.
Пред да влезам во подрумот имав некое чудно чувство дека се близу. Дека се многу близу до нас. Многу поблиску од што очекувавме. Неколку долги и високи полукружни најлонски фолии во бавчата пред нас ни го попречуваа погледот. „Да се тргнеме одовде“, му реков на Зољата (Горан Георгиевски), тогаш началник на „посебните единици на полицијата“, и на Цобе (Слободан Николовски), висок старешина во „Тигрите“. Излеговме од подрумот и внимателно, еден зад друг, на растојание од неколку метри, тргнавме кон соседната куќа во која се наоѓаа армиските специјалци „Волци“. Таму некаде требаше да го најдеме старешината што командуваше со групата „Волци“, кои заедно со нас беа навлезени длабоко во селото.
Сакавме на лице место заедно со него да договориме што понатаму. Веќе стануваше доцна, а нападот се одвиваше бавно. Всушност и не толку бавно, но побавно од планираното. Побавно, но сепак успешно. Веќе ги имавме совладано првите рововски линии и неколкуте утврдувања и продолжувавме да се пробиваме низ селото. Човек по човек, метар по метар, минута по минута, полека ги совладувавме, заземавме и чистевме позициите на УЧК. Со тоа темпо, иако со задоцнување во однос на генералниот план за напад, со минимум жртви, за неколку дена Арачиново требаше да биде под наша контрола.
ДВИЖЕЊЕ
Куќата кон која тргнавме се наоѓаше на околу 30-40 метри оддалеченост од куќата од која излеговме, малку косо наназад во однос на нашата позиција. Тргнавме. Зољата одеше прв, неколку метри зад него одев јас, а неколку метри зад мене одеше Цобе. Полека, еден зад друг, лабаво, но внимателно, се движевме кон позициите на „Волците“. Тука – таму ќе се слушнеше по некоја експлозија, по некој куршум ќе свирнеше околу нас или ќе се забиеше блиску до нас. Се движевме напред без да им придаваме многу значење.
Целата сторија прочитајте ја на следниот линк:
http://www.mkd.mk/kolumni/kako-prezhiveav-vo-arachinovo