gogo

A+ R A-


Судир на цивилизации: Колку се обистинија тезите на Семјуел Хантингтон?

Две децении минаа од објавувањето на познатиот труд „Судир на цивилизациите“ на Семјуел Хантингтон, кој предвиде многу конфликти по крајот на Студената војна. Сепак, тој не успеа да препознае многу битни фактори што го обликуваат светот токму затоа што користи модел во кој централна улога имаат цивилизациите. Што погоди, а што погреши Хантингтон?

 Поминаа дваесет години откако познатиот политиколог Семјуел Хантингтон го објави своето антологиско дело „Судирот на цивилизациите и преобликувањето на светскиот поредок“. За сите што се интересираат за меѓународните односи, оваа книга и денес е еднакво важна како и во 1996 година, кога беше објавена, ако не и повеќе. Таа не само што ги предвиде повеќето конфликти што се случија по Студената војна, туку исто така и ги вгради во контекст што беше многу поинаков од ставот што владееше на крајот од 20 век, дека пред нас е еден помирен, подемократски и полиберален свет.
Сепак „Судирот на цивилизациите“ не успеа целосно да ги разбере и да ги препознае повеќето важни двигатели на светскиот систем по Студената војна и притоа се вкорени во цивилизациски ориентираната перспектива наместо да прифати еден поопширен и посуптилен геополитички модел. Така, по 20 години во свет што навидум на многу начини ги потврдува предвидувањата на Хантингтон, треба да разгледаме каде тој згреши.
Хантингтон веруваше дека идеолошкиот конфликт помеѓу САД и Советскиот Сојуз, односно двете суперсили во Студената војна, нема да го одбележи „крајот на историјата“, како што многумина сметаа, туку дека тој постепено ќе биде заменет со конфликт помеѓу цивилизациите во светот во периодот по завршувањето на Студената војна. Хантингтон ја дефинира цивилизацијата како најшироко ниво на заеднички идентитет помеѓу групи луѓе и го подели светот на девет цивилизации: западна, православна, исламска, африканска, латиноамериканска, кинеска, хиндуистичка, будистичка и јапонска. Токму овие поделби на цивилизациите, како што тврди Хантингтон, влијаеја врз односите меѓу државите во периодот по крајот на Студената војна.


Хантингтон предвидува дека Украина може да се подели на два ентитета, при што источниот би се припоил кон Русија

Во оваа поширока смисла, „Судирот на цивилизации“ опишува голем број теми, од кои две се особено важни за актуелната состојба во светскиот систем. Првата предвидуваше дека западната цивилизација (во која главно се опфатени САД и Западна Европа) ќе биде загрозена од незападните цивилизации, особено од исламскиот свет и од Кина. Второто предвидување дека граничните линии помеѓу цивилизациите, односно географските области каде што две или повеќе посебни цивилизации се испреплетуваат би претставувале жаришта во периодот по Студената војна.

ПРЕПРЕКИ ЗА
ПОДЕМОТ НА ЗАПАДОТ

Хантингтон тврдеше, во она што можеби беше негов најпрогресивен увид, дека судирите помеѓу Западот и исламскиот свет ќе се разгорат со губењето на ривалството од Студената војна. Тој мудро забележа дека распадот на Советскиот Сојуз и пропаѓањето на повеќето комунистички движења во светот во почетокот на 1990-тите „го отстранија заедничкиот непријател на Западот и на исламот и двете страни прераснаа во меѓусебна закана“. Хантингтон сметаше дека заедничките универзалности на западните и на исламските култури, кои поддржуваат ставови за кои тие веруваат дека сите луѓе треба да ги почитуваат, ќе поттикнат ривалство и конфликт меѓу нив. Тој дури го идентификува начинот на кој ќе се одигра овој конфликт: „војна со тероризам против воздушни сили“.

Теоријата на Хантингтон беше поддржана на 11 септември 2001 година, кога Ал каеда изврши напади врз САД и ги предизвика војните во Авганистан и во Ирак. По овие настани судирот беше неизбежен меѓу западните сили и многу држави и групи од исламскиот свет, затоа што подемот на радикалните исламистички милитантни групи се совпадна со вмешувањето на САД во конфликтите на Блискиот Исток. Додека начинот на кој САД ги водеа светските војни против тероризмот се промени во изминатите две децении, неспоиво е дека динамиката, слична на предвидениот конфликт помеѓу исламот и Западот, стана важен двигател на современиот светски поредок. Всушност, најверојатно токму тоа го покажуваат ланските напади во Париз што ги изврши Исламската држава, кои се случија за време на најжестоките воздушни напади на Западот во Сирија.

Од друга страна, преголемата различност во исламскиот свет е важен противаргумент на теоријата на Хантингтон. Исламот е религија што има повеќе од 1,3 милијарда следбеници во светот. Тие живеат во држави со кои владеат кралеви и претседатели, премиери и калифи, а во многу случаи имаат помалку заеднички нешта меѓу себе отколку со немуслиманскиот дел од светот. Може да се каже дека државите како Тунис, Малезија и Турција имаат повеќе сличности со Западот отколку со Авганистан или со Саудиска Арабија. Проблемот со идејата на Хантингтон за големиот конфликт помеѓу исламскиот свет и Западот е што ги смета како еден и единствен „Запад“ и еден и единствен „ислам“, кога всушност има многу разлики и отстапки во двата света. Со тоа што Хантингтон ја пренагласува цивилизациската природа на конфликтите во исламскиот свет, тој не укажува на многу од геополитичките потреби што стојат зад нив, меѓу кои спаѓаат отворените поделби во исламот, како што заминува ерата на договорот Сајкс-Пико и слабее централизираната моќ на државите, кои би требало да ги контролираат овие поделби.


Конфликтот меѓу западната и исламската цивилизација ќе биде војна со тероризам против воздушни сили, прогнозира Хантингтон. Предвидувањата му се остварија со нападите на 11 септември и потоа со глобалната војна против тероризмот

Хантингтон го припишува подемот на исламскиот свет на неговата демографска експанзија. Од друга страна, тој смета дека напредокот на Кина во периодот по Студената војна се должи на нејзината економска експанзија. Во време кога Кина почна да се појавува како водечка економска сила, Хантингтон ја опиша како држава што „постепено доаѓа на светската сцена, а општеството најверојатно ќе му се спротивстави на Западот во влијанието врз светот“. Тој тврди дека Кина ќе ја претвори својата сѐ поголема економска сила во политичка и воена моќ, што Пекинг потоа ќе ја искористи за да ѝ се спротивстави на доминантната позиција на САД во Источна Азија.

Како и исламскиот свет, кинеската цивилизација верува дека е супериорна во однос на Западот, а Хантингтон предвиде дека таа ќе сака да го предизвика Западот и неговите планови за светско влијание. Отпорот на Кина кон западната надмоќ потекнува од конфуцијанските вредности, кои ја нагласуваат важноста на хиерархијата, авторитетот, консензусот и владеењето на државата во општеството и кои се судираат со американските верувања за слободата, еднаквоста, демократијата и индивидуализмот. Поделбите помеѓу двете страни придонесуваат западната политичка структура да не соодветствува на кинеските културни и цивилизациски традиции, како што не соодветствува со противењето религијата да се одвои од државата во исламскиот свет. Како резултат на тоа, врската помеѓу двете цивилизации сѐ повеќе би се конфронтирала, особено со ширењето на кинеската економска и воена моќ и со тоа што Пекинг се обидува да игра улога на регионален хегемон.

Се оствари предвидувањето дека тензиите помеѓу Кина и Западот ќе се зголемат по крајот на Студената војна. Но размислувањата на Хантингтон за нив се сѐ понеубедливи. Конфуцијанството не го создаде судирот помеѓу Кина и САД, туку трговијата и економските модели. На многу сличен начин, посебната јапонска култура не влезе во конфликт со другиот дел од Азија и САД за време на Втората светска војна, туку поважните геополитички интереси, како што е обезбедувањето маршрути за економијата, што силно зависеше од увозот на суровини. Според Стратфор, местоположбата е поважна во обликувањето на светскиот систем отколку широките и сеопфатните теми, како што е судирот на цивилизациите.

Западната цивилизација најмногу ќе биде загрозена од исламската и од кинеската цивилизација. Кина ја претвора економската моќ во воено-политичка моќ и им парира на САД во Источна Азија

Хантингтон шпекулираше дека конфликтот помеѓу различните цивилизации во светот ќе се влоши токму на границите што ги делат. Во периодот веднаш по крајот на Студената војна, тој можеше да се потпре на неколку примери. Во почетокот на 1990-тите избија војните во бивша Југославија, во кои во крвава борба по цивилизациските линии беа вовлечени православните Срби, католичките (прозападни) Хрвати и муслиманските Бошњаци. По краток период, главно православната Ерменија и главно муслиманскиот Азербејџан влегоа во војна за Нагорно Карабах, а двете страни добија надворешна поддршка од покровители во рамките на нивните цивилизациски категории: Турците ги поддржаа нивните браќа по религија и култура во Азербејџан, додека Русите им помогнаа на нивните православни пријатели во Ерменија. Секој од овие случаи се чинеше дека нуди нови докази што ја поткрепуваа теоријата на Хантингтон.

Но Хантингтон исто така предвиде дека судири ќе се случат и во други области, со предупредување дека тензиите најверојатно некое време ќе тлеат под површината пред конечно да се претворат во конфликти. Една од тие области беше Украина која тој ја опиша како „поделена држава со две различни култури“ и додаде дека граничната линија помеѓу западната и православната цивилизација поминува низ срцето на Украина и дека така било со векови. Тој ги актуализира шансите дека Украина би можела да се подели по должината на граничната цивилизациска линија на два посебни ентитети, при што источниот дел би се припоил кон Русија.

Денес ова изгледа точно зашто Украина де факто се подели по припојувањето на Крим кон Русија и избивањето на сепаратистичкиот конфликт на истокот од државата. Но со истата логика во која цивилизацијата има централна улога, Хантингтон прогнозира и дека ако цивилизацијата има клучна улога, тогаш нема да има насилства меѓу Украинците и Русите. Тој заклучи дека најверојатното сценарио би било Украина да остане цела и независна, иако поделена, и дека би имала блиска соработка со Русија. Настаните во изминатите две години ја оспоруваат оваа прогноза, а од друга страна покажуваат дека насилството помеѓу Украинците и Русите е можно и дека катализаторот на нивниот конфликт ги надминува цивилизациските разлики. Наместо тоа, станува збор за борба што е обликувана од геополитичките интереси: Русија има намера да осигури тампон-зона во поранешната советска периферија, додека САД имаат намера да не ѝ ја дозволат таа тампон-зона на Русија и да спречат подем на хегемонска сила во Евроазија.

ШТО ПОГОДИ ХАНТИНГТОН

Неуспехот на „Судирот на цивилизациите“ лежи во обидот да ги прикаже цивилизациските разлики како сеопфатно објаснување за конфликтите во светот. Но ова не е изводлив модел, барем не за да се користи самостојно и со него да се опише и разбере денешниот свет. Геополитиката, која не се врзува за ниту една универзална тема туку испитува како географијата се испреплетува со политичките, економските, безбедносните и со културните врски во општествата и меѓу нив, претставува поефикасен начин за анализирање на меѓународните односи.

Сепак не треба целосно да се отфрли теоријата на Хантингтон. „Судирот на цивилизациите“ дава многу увиди што обезбедија корисен контекст за добар дел од конфликтите што се случија изминатите дваесет години, а и денес се релевантни. Сега кога ја испративме нестабилната 2015 година, која беше полна со битни настани, а пред нас е 2016 година, вреди да се разгледа барем еден од клучните ставови на Хантингтон.

- Наместо да се промовираат наводно универзални карактеристики на една цивилизација, предусловите за културен соживот предвидуваат потрага по она што е заедничко за повеќето цивилизации. Во мултицивилизациски свет, конструктивен курс е откажувањето од универзализмот, прифаќање на разликите и трагањето по сличностите - вели тој.
Се разбира, потрагата по заеднички вредности и прифаќањето на разликите на другите нема целосно да ги елиминираат конфликтите што постоеја низ целата историја на човекот, а ќе постојат и во иднина. Но вреди да се следи секој напор за намалување на конфликтите во светот, кој, како што вели Хантингтон, е сѐ подинамичен и понепредвидлив.

извор - Нова Македонија

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.