gogo

A+ R A-


УСПЕШНА ПРИКАЗНА!!! Како Весна од Крилатица се искачи на Килиманџаро!!!

Весна е родена во селото Крилатица, кое се наоѓа 10 километри пред Кратово и таму живеела до 6 годишна возраст а потоа со родителите се преселила во населбата „Ѓорче Петров“ во Скопје.

Вели дека ѝ е жал што го напуштиле селото, но дека тогаш нејзините родители немале многу избор, а и државата не се потрудила да создаде цивилизациски услови за живот за жителите на селото, па децата кои живеаат таму треба по два часа да пешачат до училиштето, а до денеска нема ниту пат, ниту вода и канализација.alt
Пред 15 години отвориле тезга на пазарот во Тафталиџе во Скопје и работата тргнала.

„Есента, 2004.година, по убедување на мојата мајка, со скромни финансиски средства (18.000 денари), отворивме тезга на пазарот во Тафталиџе со идеја да си ја „пробаме“ среќата. Идејата на мајка ми беше да продаваме маслинки и зрнести производи бидејќи токму такви недостигаа на пазарот.

Не бев сигурна за тоа како ќе се развива оваа идеа и дали воопшто ќе успее, но сепак решив да ја послушам мајка ми и да ризикуваме, тогаш за мене и за моето семејство скаппоцени 18.000 денари.

Со 5.000 денари плативме закупнина за тезга за еден месец и со останатите пари купивме малку роба (6 видови на маслинки, леблебија и суво грозје). Првиот работен ден (тогаш имав 19 години) среќата ми се насмевна и направив промет од 4.000 денари. Бев пресреќна и едвај чекав да се раздени и пак да одам да продавам. И така, продажбата растеше, растеше и бројот на производи сѐ до денот кога тезгата стана премала. За помалку од една година закупив 3 тезги кои ги уредив многу креативно, почнав да печам кикирики, лешници и други јаткасти производи. Поради обемот на работа ми се приклучи и мојот помал брат Марјан, а нешто подоцна и Снеже (Снежана Станојевиќ), која уште е дел од оваа успешна приказна. Во почетокот на нашето работење „здравата храна“ не беше многу актуелна, народот, а и ние како продавачи, не бевме информирани за придобивките на истата. Со текот на времето и интернет- бумот, стигна и првиот здрав производ – неговото величество лененото семе! Благодарение на интернетот читавме и осознававме како треба да се користи лененото семе (денеска речиси и нема човек што не пробал ленено семе) и кои се неговите позитивни ефекти врз нашето здравје. Потоа се редеа нови производи, за нас невидени и нечуени: брусници, гоџи, аронија, макадамија, црно семе, чиа семе…..Актуелни станаа и нашите заборавени култури наутот и уровот“, раскажува Весна, а во меѓувреме уфрла и по некој совет за секој од споменатите производи, раскажува кој за што е корисен, советува и постојано се смее. Муштериите влегуваат и излегуваат, а Весна и нејзините соработници, Снеже и Драган (Русески), вредно ги услужуваат, ги мелат житарките, семињата, им прават различни мешавини, кафе и уров, кафе и наут, чисто кафе, ленено семе, синап и анасон.

А годинава тие слават и 15 години од почетокот на својата успешна работа со „Лара-ви“.

„Оваа година ќе славиме 15 години од зачетокот на „Лара-ви“, од идејата на мајка ми, до реализација на успешна семејна бизнис приказна. Низ годините научивме дека успехот не е случаен, ниту доаѓа преку ноќ! Вложивме многу труд, љубов и енергија, посебно внимание обрнавме на квалитетот на производите и најважното за нас, понудивме квалитетна услуга и го кренавме односот продавач-муштерија на едно ново ниво. Затоа морам да кажам дека „Лара-ви“ немаше да биде комплетна без вредните раце на Снежана и Драган кои го кренаа критериумот за вреден и љубезен продавач. Од срце им се заблагодарувам и им посакувам уште многу среќни денови во „Лара-ви“, вели Весна и продолжува да ја раскажува приказната за својата модерна продавница за здрава храна „Лара-ви“, единствена од овој тип на пазарот во Тафталиџе која, патем, името го добила по омилениот лик на тогаш 19.годишната Весна – Лара Крофт.

„Интересот за новите производи брзо растеше, едноставно, муштериите уживаа во здравите производи кои доаѓаа од различни страни на светот. Деновите на работа стануваа поинтересни од било кога, држевме кратки „предавања“ (во една минута нафрлавме најважни информации за производот, од која земја доаѓа, им ги кажувавме неговите нутритивни вредности и начинот на кој се консумира).

Интересот растеше, концептот на пазарот се менуваше….

Добивавме производи буквално од цел свет: кари, куркума ѓумбир, црн сусам од Индија, бразилски ореви од Бразил, пекан ореви од Канада, макадамија од Австралија, пињоли (семки од бор) од Италија, и така натаму.

Медиумите исто така одиграа важна улога за порастот на интересот за здравата храна со различни емисии: од баба Рада, до нутриционистите кои денеска на своите клиенти им изготвуваат цели листи со режим на исхрана.

Сето ова заедно придонесе, увозот на новите здрави производи, интернетот, влијанието на медиумите и нашето искуство, придонесоа за тоа ние да пораснеме од обична пазарска тезга до модерна продавница за здрава храна, но повторно на истото место кадешто и почнавме, на преубавото пазарче Тафталиџе. Растевме и учевме низ годините, се сретнавме и со првите наши муштерии-вегетаријанци, па со вегани, споделувавме со нив рецепти и идеи, сѐ додека еден ден и мене не ми падна в рака една книга за жива или сирова храна (Raw food). Тогаш и јас решив да ја сменам својата исхрана, истражував, експериментирав и уживав во „живата“ кујна. За првпат си направив смути, колачиња без шеќер, леб без глутен и квасец, р’тев никулци од хељда, леќа, наут и што уште не. Информациите за живата храна им ги пренесував на муштериите од прва рака, од моето лично искуство, им раскажував како тоа влијае на моето здравје, што е позитивно, а што негативно во таквата исхрана. По природа сум љубопитна личност, сакам нови, разновидни работи па така многу експериментирав и многу научив за здравата храна. Советите за поквалитетен живот станаа и сѐ уште се секојдневна пракса во нашата продавница која денес брои повеќе од 500 различни производи. Посебен белег на нашата „Лара-ви“ ѝ дадоа висококвалитетните производи од македонско потекло: млечно бели ореви од источна Македонија, лешници и органски грав од тетовските села, битолски бадеми, 100% природен мед од кривопаланечките села, рачно изработени чоколади на „Чоко Авијаторс“, мелената сушена буковка, органски намази од бадем и лешник на младите „Бонита Вита“, наутот, уровот и кикириките од струмичките села, кавадаречкиот маџун….Ние како продавница за здрава храна посебен акцент ставивме на македонските производи, а со тоа станавме омилени и помеѓу странците кои живеат во „Тафталиџе“ и околината, секогаш „гладни“ да вкусат локални производи и истите да ги понесат во своите земји“, раскажува Весна.
alt
Таа веќе не се храни исклучиво со сирова храна бидејќи, како што вели, често оди на планина, патува, а кога е тука, на работното место во продавницата во Тафталиџе, тоа е долго работно време кое не ѝ остава многу време за подготвување на јадења со живи намирници. На пример, вели, кога бевме во Норвешка, за нас сѐ таму беше премногу скапо, па немавме можност баш да се придржуваме кон некој специјален режим на исхрана.
Бидејќи е пасиониран планинар, таа овој период минатата година го освоила и Килиманџаро, а била и на плантажите за кафе и какао во Гана. Токму оттаму доаѓа и дел од зрната какао кои се продаваат во продавницата.
alt
И кога мислите дека сте виделе сѐ, наеднаш ќе здогледате еден прастат метален сад. Ја прашавме Весна каков е овој „музејски“ експонат.

„Тоа е од баба ми која пак го нашла во куќата на дедо ми кога се омажила за него и ако ви се верува, старо е цели 300 години. Станува збор за дрмоњ, метален сад за сеење жито, кој постарите генерации го препознаваат и со задоволство се сеќаваат и раскажуваат како се служеле со него“, објаснува Весна.
На тоа веднаш се надоврзува и прашањето: А вие што правите со него?! За украс ви е?!

„Дрмоњот ми е подарок од баба ми Митка и освен што ми е убав спомен и за нас овде – украс, го користиме и за сеење на покрупните зрнести производи од вишокот сол, на истиот селектираме ореви, ги вадиме само неоштетените половинки и ги редиме во кутичиња од 200 г и добиваме производ кој го нема никој друг во Македонија“, објаснува таа.

Инаку, кај нив секоја сезона си носи свои актуелни производи, на пример во зимскиот период, вели Весна, расте потрошувачката на сувото овошје, сливи, аронија, цреши од беровскиот крај, поради настинките и нарушениот имунитет се бара маџун, мед, полен, матичен млеч, семе од коприва, синап и анасон против кашлица, и така натаму. Во летниот период на важност добиваат циметот, каранфилчето, куминот (како зачини за слабеење), козјата сурутка (за чистење на црниот дроб), златната бобинка, и други.

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.