„Веќе не правевме профит во Белгија. Моравме да го спасуваме VAN HOOL. Го направивме тоа преку нашиот бренд во Македонија“ ова за холандскиот магазин Тренд го изјави Филип Ван Хул, извршен директор на фабриката за автобуси.
Тој во статијата открива и дека во Скопје инвестирале вкупно 30 милиони евра, но 17 милиони евра биле субвенција од Владата на Македонија.
Изразува големо задоволство од работата на фабриката во Македонија.
„Во Скопје фабриката работеше во полна брзина. Бројот на вработени стигна до 700, половина година по стартот на 1 јули 2013. Фабриката во Македонија имаше можност за максимална продукција на 450 автобуси годишно. Но ние правевме 600- 700 за година“, вели Ван Хул.
Клучот на успехот шефот на компанијата го гледа во ниските трошоци во Македонија.
Десет пати пониски плати во Македонија
Платите во фабриката Конингшокт, Белгија изнесуваат 40 евра за час, во Скопје се помалку од 4 евра.
„Тоа прави разлика во цената на изработка на еден автобус од 55 илјади евра“.
Така е спасена Ван Хул. Од компанија со долгови сега повторно прават профит.
„Имаме продажба од 100 милиони евра екстра преку Македонија. За некоја година се надеваме ќе станат 200 милиони. Целиот Холдинг за 2013 достигна обрт од 456 милиони евра“ вели Ван хул.
Инаку, кога беше отворена фабриката во Македонија беше обелоденето дека инвестицијата изнесува 25 милиони евра, и дека доаѓањето на еден бренд како Ван Хул ќе значи поттик и за другите компании. Уште тогаш Филип Ван Хул потенцираше дека главна причина за доаѓањето биле евтината работна сила и пакетот на олеснувања за странски инвеститори.
www.faktor.mk