Општина Кратово и годинава, по осми пат, ќе биде домаќин на меѓународната манифестација „Европски фестивал на тамбурашки оркестри“, која ќе се одржи вечерва во градот на кулите и мостовите. Од Здружението за култура и уметност „Св.Ѓорѓи Кратовски“ од Кратово, кое се јавува како организатор на фестивалот, информираат дека оваа манифестација од оваа година прераснува во регионална.
-Оваа година одлучивме фестивалот да се одржува во две вечери, едната во Пробиштип, другата во Кратово. Со тоа даваме епитет на фестивалот да прерасне во регинален, односно фестивал на едно повисоко ниво – вели Милош Димитровски, организатор на фестивалот.
На годинашниот фестивал ќе учествуваат оркестри и истакнати поединци од три земји. Покрај домаќините „Кратовски тамбураши“, ќе настапат и оркестри од Белград и Бања Лука, како и неколку домашни состави и солисти.
Осмиот „Европски фестивал на тамбурашки оркестри“ ќе се одржи во мултимедијалниот центар во Кратово, со почеток во 21 часот, а влезот ќе биде бесплатен. Од локалната самоуправа на општина Кратово информираат дека манифестацијата која прерасна во бренд на градот Кратово, е дел од вековната традиција на градење на македонската староградска песна, преку која се промовира нашето културно и музичко творештво.
Оливер Арсовски
Â
Â