gogo

A+ R A-


Вечерва во Кратово тргнува 12-тото издание на патувачкото кино „МакеДокс“

alt
Магаренцето на МакеДокс годинава ќе си киниса кроце по главната артерија која го обединува истокот. Ќе мине низ бои и мириси на Брегалничкиот слив кои ги опиваат сите сетила, низ старите буки кои уживаат во бесконечната симфонија на шумот од водопадите синхронизиран со птиците.
Магаренцето ќе го започне своето патешествие во грлото на изгаснатиот вулкан забележан и во Хомеровата „Илијада“, полецка по средновековните мостови меѓу кулите ќе го распне платното за првата проекција под ѕвездите. Ќе помине и до најстарата неолитска населба кај Славе Македонски, но и до населеното место во „каменестото корито“ кое е прогласено за град од скоро, во новиов милениеум. Магаренцето ќе раскажува приказни, но и ќе збира, стари и нови, како онаа за печалбарот Кочо кој го шверцувал белото злато во утробата на гуски.
Бујрум на размена на приказни под ѕвездите во Осоговието, трпеза од шумски боровинки и капини, дружби со мирис од мајчина душица и кантарион каде можеби ќе ни се вкрстат патиштата и со некоја срна или муфлон.
Проекциите започнуваат во 21 ч.
25.06.2021 - Кратово
26.06.2021 - с. Шлегово
02-03.07.2021 - Штип
09.07.2021 - с. Оризари
10.07.2021 - Кочани
03.09.2021 – Виница
04.09.2021 - Пекљани
Протокол за публика:
- Задолжително носење на маска за секој посетител - влезот нема да биде дозволен без маски;
- Задолжителна дезинфекција на раце, на влез, за секој посетител;
- Задолжително мерење на температура на влез, за секој посетител.
Патувачкото кино на МакеДокс 2021 е поддржано од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Општина Кратово, Општина Кочани, Општина Штип, Општина Кочнаи, Општина Виница и Центарот за развој на источен плански регион.

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.