Отец Васил Манасиев од селото Драговиштица во Бугарија е рокер во душа и тоа е негов начин на живот. Наместо со автомобил, се вози со своето АТВ-возило. Интересниот поп служи во 40 населени места во околината на Ќустендил и признава дека и на погреби оди облечен како рокер. Тој деновиве е во центарот на вниманието на бугарската јавност поради жалби од мештаните на селото Шишковци во близина на бугарски Ќустендил, кои негодуваат против попот-рокер. Тие го обвинуваат дека не доаѓа редовно во црквата, дури и за големите празници. На Велигден градоначалникот морал сам да ја отвора црквата и да пушта музика во храмот, пренесува дневниот весник Дневник. Мештаните пред секој празник се надеваат дека попот ќе се смилува и ќе дојде да одржи литургија. Сепак, тој ретко ги слуша нивните молитви.
- Не сака да дојде. Дури ни на Велигден не дојде. Ние отидовме, си запаливме по некоја свеќа и оставивме јајца на Богородица, црвени – раскажува една жена од селото.
Друга жена објаснува дека нема што друго да прават кога нема поп. Васил Манасиев признава дека не ги посетува често луѓето во Шишковци, но вели дека тоа е така затоа што има многу обврски. Освен во Шишковци попот служи во уште 40 населени места, иако некои од нив се само со по неколку жители. Се обидува да ги посетува почесто.
- Минатата година бев во Шишковци и с` беше во ред тогаш. Пред две години имав ист проблем во Драговиштица. Не знам, не гледам друг начин освен да се поделам на делови за да служам секаде истовремено - коментира попот.
Има недостиг од свештени лица, раскажува попот.
- Некој од поповите не ги испраќаат наследниците да учат за духовни лица, па малку сме свештеници, не стигаме да бидеме секаде за големите празници – вели Васил Манасиев.
Kога оди да ги посетува мештаните, попот не оди со автомобил или пеш, туку со велосипед. Признава дека и на погреби оди облечен како рокер. Објаснувањето за чудниот изглед и однесувањето отец Манасиев го наоѓа во тоа што е поблиску до луѓето. Смета дека во световниот вид стигнува полесно до душите на верниците.
- Не треба да сме над нашите верници, туку треба да сме на исто ниво. Многу од моите колеги се однесуваат горделиво, а тоа не е потребно - коментира Манасиев.
Против попот-рокер веќе има формални жалби испратени до локалната власт и до црковните управници и до сите одговорни институции.