Во општината Штип привршуваат подготовките за манифестацијата „Штипска пастрмајлијада 2016“, која ќе се одржи на 16, 17 и 18 септември на познатата локација кај крстосницата Дујле.
- Првата вечер, на 16 септември, ќе настапат Ристо Самарџиев, Александра Јанева, Момо Николовски и главните ѕвезди, рок-составот „Ју група“ од Србија. Следниот ден, в сабота, на 17 септември, ќе ги слушнеме „Силви бенд“, „Куртиш бенд“ и Јордан Митев, а крајот е резервиран за настапот на „Рибља чорба“. Финалето на „Пастрмајлијада 2016“ ќе биде в недела, 18 септември, кога ќе настапат младите надежи Антонија Гиговска, Мартија Станојковиќ, Мартинијан Кириловски и Ферус Мустафов. Манифестацијата ќе ја затвори Здравко Чолиќ - вели Драган Ристов од општината Штип.
Што се однесува до угостителскиот дел, и таму привршуваат подготовките, а, како што велат организаторите, интересот на учесниците е голем. Ова е десетто издание на манифестацијата „Штипска пастрмајлијада“, која првпат беше организирана во 2007 година на градскиот плоштад во Штип.