gogo

A+ R A-


Викендов по вторпат „Шопска свадба“ во Кратово

altЗдружението за уметност, култура и заштита на културно наследство „Етно Ризница“ од Куманово посветено продолжува со своите активности за зачувување на обичаите, традицијата и историско-културно наследство на североистокот. По првото успешно издание на манифестацијата „Шопска свадба“ во кратовското село Куклица, организаторите најавуваат уште едно ново и збогатено со содржини издание на манифестацијата, која викендов два дена ќе се одржува во Кратово и селото Куклица.

- Минатогодишното премиерно издание на „Шопска свадба“ беше одлично примено од сите присутни на манифестацијата, што не охрабри и годинава да организираме второ издание, со намера тоа да прерасне во традиција. Годинава сме поискусни и ќе ги отстраниме сите недостатоци од ланската свадба. Меѓу другото годинава ќе имаме вистински младоженци кои во сабота ќе бидат венчани во кратовската црква „Св.Јован Крстител“, а во недела ќе ги изведат сите свадбени обичаи карактеристични за шопската свадба во кратовско. Не случајно е одбран локалитетот во Куклица за место на одржување на свадбата, затоа што кукличани се Шопи, а легендата вели дека камените кукли на локалитетот во Куклица се скаменетите учесници на свадба во далечното минато – вели организаторот на манифестацијата, Драган Јаким.

Невеста на годинешнава Шопска свадба ќе биде кратовчанката Даниела Ангеловска, која по потекло е токму од Куклица, а зетот е неготинец. Нив ќе ги венчава митрополитот Кумановско- осоговски, г.Јосиф. Кум на младоженците ќе биде полскиот амбасадор Јацек Мултановски. altМанифестацијата ќе биде збогатена со концерт во сабота навечер на ансамблот „Македонија“ во кино-салата во Кратово, а ќе биде отворена и изложба на карикатури насловена „Невестинско поклонение“.

Идејата да се организира манифестацијата „Шопска свадба“ потекнува од тоа дека одредени градови имаат свои свадби карактеристични за својот регион, селото Куклица има своја легенда која вреди да се одржува и да прерасне во традиција, а преку неа да се зацврсти националниот идентитет низ кој помладите генерации ќе дознаат за своето потекло. По првото успешно издание на манифестацијата, организаторите најавуваат уште едно ново интересно издание со ветување дека манифестацијата ќе прерасне во препознатлив културен бренд.

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.