Кога последен пат се возев со автобусите на „Југ-турист“, патот Скопје - Кратово ми се чинеше дека трае цела вечност. Тргнување во 7.30 од Скопје, претовар во Куманово, мрзнење 15 минути во автобус без греење, „клацкање“ саат и 10 минути од Куманово до Кратово, издувни гасови од расцепен ауспух во внатрешноста на автобусот, побелени завеси полни прав. Ужас авантура позната од филмот „Ко то тамо пева“. Шофер-кумановац ала Павле Вуисиќ, кај те труе 2 саати со Шемса и Шабан, па уште и ти нуди непристојна понуда од која и двајцата треба да сте у ќар. Наместо билет Скопје - Кратово, ти пишува скратена варијанта Скопје - Сув Ора, тебе ти крати 20 денари од нормална цена, и он заработува 20-30 денари. И онака не земал плата со месеци, па да си извади тој ден за леб и суџук.
За наша среќа, жалната приказна за „Југ-турист“ заврши. Компанија за превоз на патници “Руле Турс“ од Скопје, го купила автотранспортното претпријатие “Југ турист“ и Автобуската станица во Куманово.Од “Руле Турс“ потврдија дека наскоро ја преземаат Автобуската станица во Куманово, по што ќе следи целосна реорганизација во работењето.
Неофицијални извори од “Југ - турист“ кажуваат дека новиот газда ќе треба да ги задржи сите 47 вработени, да ја осовремени и модернизира Автобуската станица, да го обнови возниот парк, да ги задржи старите и да воведе нови автобуски линии.
“Југ - турист“ беше едно од водечките автотранспортни претпријатија во поранешна Југославија, но поради загубите во работењето отиде во стечај. Откако е завршила стечајната постапка, фирмата е продадена на нов сопственик.
Кумановци очекуваат дека сегашната Автобуска станица, која е грда слика во центарот на градот наскоро ќе стане минато.
Компанијата Руле-турс стопанисува и со Автобуската станица во Скопје.